ПАТУВАЊЕ ПОМЕЃУ СТРАНИЦИТЕ

18 ÐÐ, 2022

ТРАГЕДИЈАТА НА ГОЛЕМАТА ЉУБОВ НА АНА КАРЕНИНА

— Аутор mitkogrkovski @ 01:43
 
     Кога првпат пред триесет и пет години ја прочитав „Ана Каренина“, бев опседнат од книгата и оттогаш наваму ја прочитав четири пати. Бев прилично млад и мислев дека ова е љубовна приказна. Но, сега сфаќам дека ова е приказна за судбината, за осудата и за проклетството, за нашата немоќност против околностите и нашата одлучност да ги промениме – секако, во поинаков контекст.
    Да, оваа приказна наликува на љубовна, можеби затоа што во неа има љубовни мотиви, но она што навистина го интересира Толстој не е љубовта, туку последиците од неа. Пишувајќи ја приказната на Ана Каренина, тој воведува и други ликови и приказни, вклучувајќи ја и љубовната приказна за Кити и Левин и со тоа нè известува дека во „Ана Каренина“, љубовта може да биде проклетство и благослов. 
   Љубовта во теорија звучи многу фино, но во пракса понекогаш може да биде навистина тешка за прифаќање, затоа што „митовите за вљубените“ се прикажани како поромантични и повљубени од нас останатите. Ете тој мит нè поттикнува смртта на Ана да ја гледаме како благородна жртва: Многупати посакуваме да кажеме дека Ана се откажа од сè само заради љубовта, а тоа е прилично заведувачко размислување. Факт е дека ништо добро не произлегува од романтичниот однос меѓу Ана и Вронски и дека сè ќе беше подобро ако никогаш не се случеше тоа што се случи. Нивната афера беше катаклизма за Ана, очигледно, но и за Вронски, за Каренин, и за Серјожа – нивниот син.
   Можеме да дискутираме и за неизбежноста на околностите под кои се случува големата љубов помеѓу Ана и Вронски. Ана се одлучува на самоубиство од многу историски причини: закони што се пристрасни против жените, религиозни забрани против развод, систем на додворување што ги тера девојчињата да стапат во брак премлади итн. Сè на крај излегува лошо, но тоа не е вина на Ана, барем не само нејзина.
   Да се прочита „Ана Каренина“, значи да се грижиш за Ана и да се обидеш да ја разбереш нејзината борба. Ако работите беа поинакви, ако живееја во едно друго време, да речеме во нашето современо, таа и Вронски можеа да бидат среќни. Но, сепак, работите не се различни… ниту за Ана, ниту за Вронски, и тоа е поентата на приказната. Законите се неправедни но, сепак, се закони. Тоа е тоа. И во денешно време многу закони не се праведни но, сепак, не живееме против законите. А ако живееме, тоа веројатно нема да ни донесе ништо добро.
 

 
    Ако Ана не е хероина или маченичка во романов, тогаш што е таа? Одлуката за тоа која и што е Ана е еден од главните предизвици на „Ана Каренина“. Некои читатели, можеби затоа што се чувствуваат предадени од Ана, завршуваат со сомнеж во нејзиниот лик, нејзината пресуда или нејзините мотиви и на крај ја гледаат како лош и себичен човек. Да, Ана прави лоши работи и донесува лоши одлуки, но само затоа што ги потценува не знаејќи колку лоши ќе бидат последиците од нив. Ана не планира да се вљуби во Вронски. Нејзината афера со Вронски личи повеќе на трагедија од судбината.
    Толстој внимава да покаже дека истото важи, на аверзен начин, за Левин и Кити, кои едноставно се среќни како резултат на несреќата на Ана. Во еден наврат се чини дека Левин е спремен целосно да се откаже од Кити, но во тој момент Кити поминува покрај Левин. Речиси како провокација,Толстој го става овој факт дека прељубата на Ана го отвора патот за среќниот брак на Левин и Кити, во центарот на неговиот роман, каде што стои како немо и иронично потсетување за тоа колку нашите сопствени успеси можат да зависат од несреќите на другите.
   Постојат ограничувања на она што можеме да го сториме во светов, но има и ограничувања на она што можеме да го почувствуваме, издржиме, знаеме и замислуваме во себе. Овие внатрешни граници може да бидат исто толку постојани како и надворешните. Во случајот на Ана, таа можеби била опседната од сите страни: управувана од нејзината душа да го сака Вронски, додека живее во свет што смета дека таа љубов е неразумна. Или, пак, можеби таа направила непромислен избор, предавајќи се на желбите на кои можела да се спротивстави, бидејќи ги потценила. Никогаш нема да знаеме што се случило точно, како што ни Ана веројатно не можела да знае. Ова е една од стравотните лекции од приказната за Ана: таа самата не можеше да направи разлика помеѓу тоа што избра да го прави и што беше присилена да го направи. Во животот, понекогаш лесно се откажуваме од нашата слобода, додека, во други периоди, се бориме против законите. Сепак, изборот е наш. Да го одбереме вистинскиот!
 
 
     Митот за големата љубов на Ана Каренина и грофот Вронски
 
    Книжевните дела создадоа многу приказни за љубовта, болката, страдањето, борбата. Тие приказни се толку силни што се прераскажуваат од генерација на генерација. Силата на љубовта која одредени писатели ја прикажаа и натаму живее. Една од тие приказни е приказната на Толстој за Ана Каренина и грофот Вронски. Нивната љубов беше толку голема што ги уништи и двајцата. Ги исцеди нивните животни сокови и ги доведе до работ: физички, морален, психички.
  Средбата на Ана и Вронски е една од оние судбоносни средби и нивните траги остануваат за цел живот. Ана Каренина и Вронски се запознаваат на железничка станица. Уште од тој момент, Вронски ги забележува нејзините очи кои засекогаш ќе му се врежат во сеќавањето: „Нејзините сјајни, сиви очи, кои делуваа замаглени поради густите трепки, плашливо и прекрасно се задржаа на него, како да го познаваше.“ Тој прв поглед е доволен за сѐ да се помести во Вронски, да го промени од корен.
 

 
     Уште од нивната прва средба се наговестува извесен фатализам кој ќе се открие на самиот крај. Нивниот разговор е прекинат од еден немил настан кој всушност ќе биде антиципација на последните случувања во романот. Таа случка ќе го почне маѓепсаниот круг кој ќе заврши онака како што и почнал. Некој човек е прегазен од воз. Ние на основа на тоа воопшто не  ни насетуваме што би можело да се случи. Нам само ни е дадена таа случка како нешто пропратно. Дури подоцна ќе го откриеме значењето на таа случка и така ќе ни се открие големото мајсторство на занаетот на Толстој.
    После таа средба, сѐ се менува во животот на несреќната Ана. Таа во младоста се омажила со човек кој е многу постар од неа, никогаш не почувствувала љубов, од онаа неограничена љубов која му дава полет на човечкото срце. Таа се запознава со тоа чувство дури со Вронски и ја држи до самиот трагичен крај. Таа ќе изгори во таа фатална љубов. Ана Каренина не може да им одолее на своите чувства и целосно им се предава. Иако сепак ја гризе совеста поради она што се случило со Вронски затоа што знае дека ги нарушила моралните норми.
   Да, го напуштила сето она на кое била учена: да го гледа само својот маж и своето дете, да се грижи за домот, семејните вредности да ѝ бидат на прво место. Ана Каренина оди дотаму што останува бремена од својот љубовник. Тоа е врвот на сѐ: има сопруг, а бремена е и носи туѓо дете. Таа му го кажува тоа на Вронски, а тој ја поддржува во сѐ. Инсистира на тоа таа да му каже на сопругот, да се разведе и да се омажи за него.
 
 
     И покрај сѐ, Ана е сѐ поблиску до својата среќа. Човекот кого го сака не ја остава сама, напротив, би направил сѐ за нивната заедничка среќа. Кога нејзиниот сопруг ја дознава вистината, нема тоа да го погоди на начинот на кој би требало да го погоди. Тој ќе размислува само за моралните обѕири и на срамот кој би пукнал кога луѓето би дознале што се случило. Тој не мисли на среќата на Ана, а тоа уште повеќе покажува колку Ана била несреќна во нејзиниот живот со тој ладен човек.
    Ана Каренина го остава сопругот и синот и заминува да живее со Вронски. Но, ни тоа не беше доволно за среќа. Таа сега е сама со својот сакан, но тогаш на површина излегуваат други сомнежи. Ана се враќа во Петроград и го моли сопругот за развод. Тој не се согласува на тоа. Не сака да постапи спротивно на христијанските закони. Ана почнува да се чувствува лошо во врска со Вронски. Почнува одвнатре да ја јаде љубомората и стравот дека тој ќе ја напушти. Во нејзината душа расте само една мисла, а тоа е како конечно да се ослободи од сите маки. Според неа, решението за тоа е смртта.
   Таа ќе ја најде смртта под возот на станицата. Нејзиното самоубиство е кулминација на сѐ. Сега сѐ е конечно завршено за неа. Оваа сцена е наговестена уште во воведот со приказната на станицата за човекот кој бил удреден од воз. Кругот е затворен.
 
 
    Кога на крај завршуваме со романот, во нашите срца расте само едно прашање: Колку е всушност голем гревот на Ана? Сите нејзини постапки беа водени од љубовта, а знаеме дека љубовта е најубавото и најсилно чувство кое владее со универзумот. Таа е оставена на милост и немилост на рамнодушноста на својот сопруг, таа е сама со голема емотивна празнина и таа на крај ја пронаоѓа толку посакуваната љубов токму во Вронски.
     Таа конечно сака! Таа љуби со целото свое срце и целата своја душа! Но, таа љубов не е слободна. Таа е заробена во синџирите на општеството, моралот и нарушените семејни вредности. Трагичната судбина на Ана е само патоказ дека не смее да се оди против вистинската љубов, затоа што тоа може да доведе до трагични последици. Со својот трагичен крај, Ана стави точка не само на својот живот, туку и на животот на Вронски, кој беше подготвен на сѐ за нивната љубов. Таа го уништи оној кој највеќе го сакаше. Вронски продолжи да живее, но исто како да не е жив, за него животот без неа е безвреден.
 
 
     Тој се пријави како доброволец и подготвен е да умре во војната, бидејќи нема повеќе причини за живот. Ниту една друга жена не може во него да ги разбуди чувствата кои Ана Каренина ги разбудила, ниту една друга не може да направи да ја засака со љубовта со која ја љубел Ана, љубов која можеше да го помести цел свет. Таа љубов не беше доволна за среќа. Секогаш малку им недостасуваше, а тоа малку не можеа да го добијат. Судбината не беше на нивна страна. Една од најголемите љубови во книжевноста едноставно не можеше да се одржи.
    Фатализмот на животот ја покажа сета своја суровост. Не можеа одвоено, но не умееја заедно. Во тоа лежи сета трагедија на нивниот однос. Како и во животот, кога секогаш нешто малку недостасува за среќа, така е и во романот. Сепак, животот е тој кој ја диктира книжевноста, а не книжевноста животот. Силата на љубовта во животот ја дала основата за оваа огромна љубов во романот. Реалноста на животот и фикцијата на романот ни ја дадоа приказната која никого не остава рамнодушен, која и натаму живее и ќе живее сѐ додека во луѓето постои љубовта.
 
 

Автор:

Митко М. Грковски

 

 

 

 

Коментари


Додај коментар

Додај коментар





Запамти ме

Powered by blog.rs